Инцидент во болница во Загреб: по царски рез хирургот оставил газа во стомакот на родилка, ги игнорирал предупредувањата

На странска државјанка која заврши на итен царски рез во клиничката болница „Свети Дух“ во загреб, лекарот и оставил стерилна газа во стомакот, јавува „ХРТ“. Грешката е направена и покрај фактот што операторот со инструменти ги предупредил колегите дека недостасува еден туфер.

Поради пропустот постоела опасност пациентот да добие сепса. Следното утро, стручната комисија расправала за ова прашање и одлучила да направи дополнителен рендген на пациентката за да се отстрани сомнежот дека предметот што недостасува и е во утробата.

Рендгенот потврдил дека газата навистина завршила во утробата на пациентката. Поради ова, неполни 24 часа по породувањето, таа била подложена на нова операција. Веста за новиот скандал од болницата доаѓа само два дена откако директорката на болницата Ана-Марија Шимундиќ поднесе неотповиклива оставка, пренесува медиумот.

Од болницата не одговориле на прашањата на „Јутарњи“, а како што неофицијално дознаваат, Управата е запознаена со инцидентот и започнат е интерен болнички надзор.

„Јутарњи“ понатаму пишува, повикувајќи се на неофицијални информации, дека на Оперативниот список биле потпишани двајца примариуси кои наводно не биле на операција, па дури ни во болница, бидејќи се се случило за време на дежурство.

Според нив, ова е петти сомнителен случај за само шест месеци што ја потресе Хрватска.

Најпрво во јавноста се појави информација дека двајца пациенти починале во Итната помош, без никој од вработените да го забележи тоа. Информацијата според написите се покажала како точна. Постар маж починал од природна смрт од срцев удар додека чекал брза помош, а смртта ја констатирал возачот на Брзата помош.

Во друг случај, починал маж кој неговата ќерка го пронашла во чекалната покрај апаратот за кафе во раните утрински часови, на истото место каде што го оставила околу 22 часот претходната вечер, кога болничкиот персонал и кажал дека нема потреба да чека. Мажот починал од шок, предизвикан од крварење од чир на желудникот и задушување. Тој случај го водела здравствената инспекција, но случајот завршил во полиција и во Општинското државно обвинителство.

Следниот скандал, според „Јутарњи“, се случил на Одделот за патологија, кога болницата повторно беше во фокусот на јавноста. Имено, во јавноста стигна фотографија на која починати лица лежат во вреќи на подот наместо на маси и во комори за ладење.

Минатиот месец имало и случај на смрт од задушување. Имено, пациент со тешка психијатриска дијагноза останал сам и се задушил од храна. Се истражува и тој случај, пренесуваат медиумите.

Треба да знаете
Последни објави