Претседателот на Владата на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, утрово присуствуваше на изведба на пробивање на десна цевка на тунелот Фариш, кој се наоѓа на делницата Фариш-Дреново на новиот експресен пат Градско-Прилеп.
„Денеска заокружуваме уште еден успешен градежен зафат како дел од нашиот голем инвестициски циклус на градење на модерни патни делници и автопатишта низ целата наша држава. Ја заокружуваме изведбата на тунелот Фариш, со пробивање на десната цевка од овој тунел во Фаришката клисура, кој се наоѓа на втората делница Фариш-Дреново на новиот експресен пат Прилеп-Градско. Веќе е завршено пробивањето на левата цевка од тунелот, еден од најтешките делови на оваа траса, којашто е од клучно значење за граѓаните од Пелагонискиот регион, но и за целата држава”, истакна премиерот Ковачевски, кој присуствуваше на пробивањето на десната цевка на тунелот Фариш.
Премиерот констатираше дека градежните зафати на овој патен правец се одвиваат со предвидената динамика и дека очекува изведувачот да го запази предвидениот рок за изведба на делницата Фариш – Дреново во должина од 10,2 километри како дел од експресниот пат Градско – Прилеп.
„Градежните зафати на делницата е предвидено да се завршат до јануари 2024 година, за што се предвидени 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР, а само за тунелот се инвестираат 5,7 милиони евра. Ова е еден од најзначајните патни правци во државата, каде дневно поминуваат околу 6.000 возила од сите категории, меѓу кои значаен дел се и товарни возила. Токму затоа се концентрираме на подобрување на патниот правец Градско – Прилеп со што ќе се олесни протокот на патници и возила”, рече премиерот Ковачевски.
Градежните зафати на овој потег, според премиерот, значат изградба на современа патна инфраструктура и модернизација на Коридорот 10-д, што ќе овозможи поврзување со Република Грција преку граничниот премин Меџитлија.
„Вложуваме во инфраструктурата и инсистираме на ефикасност во изведбата бидејќи сакаме да обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани и со тоа што побрзо да го трасираме нашиот пат кон ЕУ. Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка. Градиме експресни, магистрални и регионални патишта со кои ги поврзуваме селата и градовите во регионите, регионите со други градови, а државата со светот. Република Северна Македонија станува светска сообраќајна и трговска крстосница. Ова се приоритетите за кои се залагаме и ова се приоритетите од кои нема да отстапиме. Нашите граѓани заслужуваат европски живот овде, во Република Северна Македонија”, нагласи премиерот Ковачевски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека досега се постигнати над 64 % реализација.
„Денеска сме присутни на пробивањето на десната тунелска лента на втората делница од Дреново до Фариш, овде имаме преку 64 % реализација и очекуваме дека со добра динамика како и до сега ќе ја завршиме изградбата на овој пат.
Експресниот пат од Градско до Прилеп е приоритет не само за Владата, тој има големо економско значење за сите граѓани, а посебно за жителите од Градско, Росоман, Прилеп, Битола, Ресен.
Граѓаните треба да знаат колкава е комплексноста на овој проект, се градат 2 тунели, 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, 1 вијадукт. Ме охрабрува фактот што и на првата делница од Градско до Дреново се работи со максимално темпо”, рече министерот Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми посочи дека е задоволен од динамиката на работите.
„Ќе бидеме уште позадоволни со фактот дека со новата патна мрежа ќе можеме да сметаме и на дополнителен развој и компетитивност на овој дел од Пелагонискиот регион. Секако, новото патно решение носи и поголема безбедност, особено во овој дел којшто важеше за црна точка. И во Владата и во ЈПДП сме и повеќе од свесни дека вложувањата во патната мрежа, осовременување на патиштата, изградбата на нови, завршувањето на европската коридорска мрежа што поминува низ нашата земја – Коридор 8 и Коридор 10-д, е од круцијално значење за развој на земјата. Посветено работиме и ќе работиме да создадеме подобри услови за просперитет и благосостојба на сите региони во државата подеднакво”, додаде директорот Рустеми, кој нагласи дека градежната офанзива во патната инфраструктура низ државата продолжува и дека 2023 година ќе остане запаметена како година на историски најголеми инвестиции во сообраќајната инфраструктура во земјава од осамостојувањето па наваму.