Американскиот специјален пратеник за Северна Кореја, Сунг Ким, изјави денеска во Токио дека Вашингтон е активно ангажиран во обезбедувањето враќање на американскиот војник што пребегна во Северна Кореја.
Соединетите Американски Ддржави работат на утврдување информации за состојбата на војникот Тревис Кинг и се посветени на обезбедување на неговото безбедно враќање, рече Сунг.
Кинг премина во Северна Кореја во вторникот, истиот ден кога американската подморница со балистички проектили со нуклеарен погон ја посети Јужна Кореја првпат од 80-тите. Северна Кореја лансира две балистички ракети во морето во средата наутро.
Претставникот на јужнокорејската влада, Ким Гун, го осуди лансирањето проектили и зборуваше за зајакнување на врските меѓу САД, Јапонија и Јужна Кореја.
„Нашата трилатерална безбедносна соработка е на највисоко ниво“, рече Ким додавајќи дека на состанокот ќе се разговара за понатамошно зајакнување на соработката, како и за санкциите и спротивставувањето на кибер-нападите на Северна Кореја.