Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во последната аудио бомба која е објавена на Јутјуб со наслов „Рекет 2“ кажува дека му е благодарен на Орце Камчев за помошта што му ја дал по преземањето на партијата.
Орце Камчев вчера беше ставен на црната листа на САД поради корупција, поткуп на владини функционери, како и за нарушување на довербата и поткопување на интегритетот на правосудниот сектор. Во објавата за ставањето на црната листа, властите на САД наведуваат дека Камчев се занимава со корупција, злупотреба на службената положба, перење пари и други кривични дела повеќе од една деценија.
Мицкоски на објавената снимка кажува дека му е многу благодарен на Камчев, бидејќи простил долгови направени од партијата кон семејството на Камчев по неговото преземање на опозициската партија.
„Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече. Не треба ништо. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска. Парно пред исклучување, немав вода. И такви како него беа неколкумина што ми подадоа рака. Мене тоа многу ми значи“, вели Мицкоски.
Дополнително, лидерот на опозицијата во објавениот разговор кажува дека тој се борел против законот за јавно обвинителство, со цел да се заташкаат предметите на СЈО, меѓу кои е и предметот „Империја“ во кој осомничен е Орце Камчев.
„Овој закон за јавно обвинителство, ако помине вака како што мислат да помине, тој предмет не е завршен. Напротив, да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“, вели Мицкоски на снимката.
Видеото може да го погледнете тука