Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување официјално го извести вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ за трите проекти кои беа одобрени на 30 јуни 2023 година на состанокот на Оперативниот борд на Инвестициската рамка за Западен Балкан.
-Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во која аплицираме на секој повик и во која имаме редовно поддршка на проекти, одобри 24 милиони евра грантови за три проекти, два во секторите енергетика и еден во транспорт, кој се однесува на Коридорот 8 за изградба на експресниот пат Крива Паланка – Страцин. Грантот е во износ од 14 милиони евра, а вкупната инвестиција од 36,7 милиони евра е поддржана со заем од Светска банка, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
Од СЕП посочуваат дека во областа на енергетиката станува збор за два проекти, од кои едниот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, грант е во износ од 2,2 милиони евра, а вкупната инвестиција од 27,5 милиони евра, која е поддржана со заем од Светска банка. Грантот е побаран за да може да се интервенира и зголеми енергетската ефикасност на 18 здравствени објекти и тоа 4 во Скопје и Валандово, Крива Паланка, Герман, Злетово, Кратово, Пехчево, Штип, Пробиштип, Демир Хисар, Демир Капија, Долни Дисан, Ресен, Лозово, Неготино, Дебар.
-Вториот грант од секторот енергетика е од 8 милиони евра е за зајакнување на мрежата за пренос на струја во југоисточен регион, со вкупна инвестиција од 34,7 милиони евра, поддржана со заем од ЕБРД. Целта на проектот е да се овозможи приклучок на мрежата за струја произведена од обновливи извори на енергија од хидроцентрали, соларни централи, ветерници и со тоа се зголеми независната на земјата за производство на сопствена струја, се наведува во соопштението од СЕП.
Според вицепремиерот Маричиќ, ваквата поддршка од ЕУ, во конкретни проекти, е доказ дека пристапниот процес и членството во ЕУ не е само политички, туку и економски процес, со конкретни придобивки за граѓаните.
-Во текот на летото, Европската комисија ќе промовира околу 20 гарантни фондови за приватниот сектор за да се поттикне развојот на претпријатијата во Западен Балкан, да се подобри нивното работење и да се одржат приватните инвестиции. Досега Европската комисија помагаше во пристапот кон финансии, а во наредниот период ќе го преземе и ризикот од инвестициите за да го олесни и подобри приватниот сектор. Дополнителни информации за овие гаранции ќе се објават во септември годинава, се истакнува во соопштението.
Од СЕП информираат дека вкупно одобрените проекти за земјите од Западен Балкан се во износ од 528 милиони евра со вкупна инвестиција од 2,1 милион евра. Сите одобрени проекти се во насока на спроведување на Економскиот и Инвестициски план за Западен Балкан промовиран од Комесарот за проширување Вархеји во 2020 година.
Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека ДГ НЕАР ги достави деталите критериумите за новиот 9-ти по ред повик за инвестициски грантови во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан, наменет за проекти од железница. Согласно критериумите на овој повик, земјите можат да аплицираат со проекти за рехабилитација на постоечката и изградба на нови одржлива и паметна инфраструктура на главните и продолжените ТЕН-Т железничка мрежа.
-Максималниот износ на кофинансирање од инвестициската рамка за Западен Балкан е 50 отсто од вкупната инвестиција а останатите средства треба да бидат обезбедени од заеми од Меѓународните финансиски институции согласно правилата за спроведување на Инвестициската рамка за Западен Балкан, велат од СЕП.