Апелациониот суд во Калтанисета вчера ја потврди доживотната казна изречена на затворениот шеф на сицилијанската Коза ностра, Матео Месина Денаро, поради неговата вмешаност во десетици убиства, пренесува Анса.
Тука спаѓаат бомбашките напади во 1992 година во кои загинаа судиите против мафијата Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Судот го прифати барањето на јавниот обвинител на денот кога Италија ја одбележува 31-годишнината од бомбашкиот напад на Виа Д’Амелио во Палермо во кој загинаа Борселино и петмина негови чувари.
Шефот на Коза Ностра, кој беше во бегство 30 години, беше фатен во средината на јануари во клиниката за рак во Палермо. Тој сега се наоѓа во затворот со максимална безбедност во Аквила.
Покрај атентатот на Борселино и Фалконе, Денаро беше осуден и за убиството на 12-годишното момче Џузепе ди Матео. Во 1993 година, тој помогна да се организира киднапирање на 12-годишно момче за да го принуди неговиот татко да се откаже од сведочењето против мафијата. Тој го држел момчето во заробеништво повеќе од две години (800 дена), потоа го задавил и го растворил неговото тело во киселина.
Покрај тоа, Месина Денаро исто така беше осуден за бомбашки напади на верски и уметнички места во Милано, Рим и Фиренца во 1993 година, во кои загинаа 10 лица, а 40 беа повредени.