Жените во Авганистан одржаа протест, што ретко се случува во оваа земја, поради одлуката на талибанските власти да ги затворат салоните за убавина.
Собраните Авганистанки извикуваа „Работа, леб и правда“ за време на собирот во главниот град Кабул во средата.
Талибанската полиција употреби водени топови за да ја растера толпата, а неколку жени рекоа дека полицајците користеле и пиштоли за шок.
Околу 50 жени протестираа во Кабул, пренесува новинската агенција Франс прес.
Правата на жените се повеќе се загрозени откако Талибанците се вратија на власт во Авганистан во 2021 година.
На 2 јули 2023 година, талибанската влада постави рок од еден месец да затвори илјадници салони за убавина и фризер низ целата земја.
Фризерството и кубењето веѓи, според разбирањето на верата на Талибанците, се спротивни на исламските вредности и родителите непотребно трошат пари на овие услуги кога ги организираат венчавките на нивните ќерки, велат властите.
На Авганистанките веќе им е забрането да влегуваат во училници, спортски сали и паркови.
Неодамна, талибанците им забранија на жените да работат во Обединетите нации.
Ќе бидат затворени околу 60.000 работни места, соопшти авганистанската стопанска комора.
Последен пат козметичките и фризерските салони во Авганистан беа затворени за време на талибанското владеење помеѓу 1996 и 2001 година.
И покрај противењето на меѓународната заедница, талибанците продолжија да ги ограничуваат правата на жените, вклучително и строгите правила за облекување и укинувањето на движењето без машка придружба.
Сите спорадични протести против мерките воведени од талибанците во последните две години се задушени.