Полицијата во Берлин денеска ја прекина потрагата по наводната избегана лавица бидејќи се покажа дека станувало збор за дива свиња.
„Според сите достапни информации, претпоставуваме дека не се работи за лавица“, изјави Мајкл Груберт, градоначалник на Клајнмахнов во близина на Берлин, каде пред неколку дена била видена и снимена наводно побегната лавица.
Како што беше најавено на вонредна прес-конференција, од анализата на снимката на која се засновала потрагата се дошло до заклучок дека не се работи за лавица, туку најверојатно за дива свиња која во голем број живее во областите околу Берлин.
Претходно, неколку зоолози и експерти изразија скептицизам за теоријата дека се работи за лавица.
Груберт ја оправда големата потрага во која беа вклучени полицајци со автоматско оружје, како и со беспилотни летала, хеликоптери и оклопни возила.
– Обемот на потрагата е целосно оправдан со оглед на првичните сомнежи дека се работи за опасно животно – изјави началникот Клајнмахнов.
Потпретседателот на германскиот полициски синдикат, Хајко Тегац, ја критикуваше скапата потрага и рече дека потрошените пари можеле да бидат искористени за други цели, како што е борбата против организираниот криминал.
„Ова е убедливо најскапото сафари што го доживеала Германија“, заклучува шефот на полицискиот синдикат во интервју за весникот „Билд“.
Берлинската полиција во четвртокот вечерта испрати предупредување дека голем предатор, веројатно лавица, е на слобода во јужните предградија на Берлин.
Жителите се предупредуваат да не ги напуштаат своите домови и да ги чуваат своите миленици во затворени простории. Полицијата и пожарникарите објавија на социјалните мрежи во четвртокот наутро дека веруваат дека дивото животно забележано во текот на ноќта е веројатно лавица.
„Не знаеме од каде дошла“, изјавил портпаролот на локалната полиција. Тој додаде дека зоолошките градини, парковите за животни, циркусите и објектите за заштита на животните во областа не ја пријавиле исчезнатата лавица.