Грција денеска е во максимална готовност поради топлотен бран со очекувани температури над 44 Целзиусови степени. Со високи температури се соочува голем дел од светот, вклучително и северот од Европа, но и САД каде во Аризона е вистински пеколно жешко.
Што се однесува до Грција, до недела сите археолошки локалитети, вклучително и познатиот Атински Акропол, ќе бидат затворени за посетители во најтоплиот дел од денот, соопшти Министерството за култура.
„Потребна е максимална претпазливост бидејќи тешките моменти не се завршени“, предупреди премиерот Киријакос Митотакис. „Се соочуваме со топлотен бран со можно засилување на ветерот кој од понеделник може да ги разгори пожарите околу Атина“, додаде премиерот.
Во сабота во централниот дел на земјата се очекуваат температури до 45 Целзиусови степени.
Според опсерваторијата во Атина, рекордната температура во градот била измерена во 2007 година и изнесувала 44,8ºC. Највисоката температура во земјата била измерена во 1997 година во Елефсинос, во близина на Атина, и била 48ºC.
Костас Лагувардос, директор на Истражувачкиот институт за животна средина и одржлив развој при Националната опсерваторија во Атина, рече дека е загрижен поради најавите за пораст на температурите и следната недела. „Тоа би бил топлотен бран кој би траел две недели и би бил најдолгиот досега забележан во Грција“, рече Лагувардос.