Екстремната десница може да победи на изборите во Шпанија

Очите на Европа утре ќе бидат насочени кон Шпанија, каде што многу е очекувана победа на десницата на вонредните избори. Тоа може дополнително да ја консолидира доминацијата на конзервативните партии како блок.

Предвремените избори што ги распиша социјалистичкиот премиер Педро Санчез, откако левицата беше поразена на локалните избори на 28 мај, може да доживеат екстремната десница да заземе дел од власта за прв пат по завршувањето на диктатурата во Шпанија во 1975 година.

Анкетите покажуваат дека следната шпанска влада ќе биде коалиција на десничарската Народна партија и екстремно десничарскиот Вокс.

Доколку анкетите се покажат како точни, тоа би го потврдило „постепеното воспоставување на крајната десница на европско ниво“, вели Стивен Форти, професор на Автономниот универзитет во Барселона.

За Санчез, кој е на власт од 2018 година и ја предводи левичарската коалиција со левичарскиот Подемос, влогот е голем.

Според Ројтерс, гласачите низ целата земја главно не се расположени за ниту една партија и размислуваат да гласаат за најмалку лошиот избор.

Ова се огледува и во анкетите, според кои околу 12,5 отсто од луѓето кои планираат да гласаат, се уште се неопределени.

Изборите ќе имаат последици и за европската левица.

„Јасно е дека има поместување (надесно) и Шпанија е многу важен бастион против оваа регресивна и реакционерна струја“, изјави министерката за екологија Тереза ​​Рибера за весникот Ла Вангардија.

По триумфот на Народната партија на 28 мај, партијата на Алберто Нуњез Фејо се чини дека оди кон чиста победа на специјалните избори на 23 јули.

Но, анкетите покажаа дека дури и да победи Народната партија, таа ќе го загуби апсолутното мнозинство од 176 пратенички места во 350-члениот парламент, што значи дека ќе ѝ треба поддршка од Вокс за да владее.

Ултранационалистите се и еврофобични. Вокс се појави во 2013 година како производ од расколот во Народната партија, за да влезе во парламентот во 2019 година како трета по големина партија во Шпанија.

Импулсот на десницата сепак забави додека Народната партија и Вокс преговараа за владеење во неколку региони кои беа „освоени“ од левицата.

Треба да знаете
Последни објави