Агенцијата за финансиска поддршка објави јавен повик за доставување на барања за исплата на средства од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за мерката 1.3 – помош за маркетинг на земјоделските производи и преработени земјоделски производи.
Станува збор за јавен повик за поддршка на трошоци за амбалажа на преработени земјоделски производи, односно за извезен ориз со потекло од Република Северна Македонија.
Висината на поддршката изнесува 2,5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 500 гр, 5 денари по пакување во најлонска амбалажа до 1 кг и 10 денари по пакување во хартиена амбалажа до 1кг или по пакување во најлонска амбалажа од 3 до 5 кг.
Корисници на оваа финансиска поддршка можат да бидат правни лица кои се регистрирани за вршење на откуп на ориз согласно законот за земјоделство и рурален развој.
Краен рок за доставување на барање за исплата е 15.08.2023 за извоз направен во период од 01.01.2023 до 30.06.2023.