Противниците на правосудните реформи на Нетанјаху се собираат во Ерусалим пред клучното гласање во Кнесетот

Илјадници Израелци тргнаа денеска кон Ерусалим со цел да го спречат усвојувањето на правосудните реформи што сака да ги спроведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а со кои ќе се ограничат овластувањата на Врховниот суд.

Владата на Нетанјаху, во која се вклучени и претставници на ортодоксните Евреи и екстремната десница, тврди дека реформата, која парламентот треба да ја изгласа в понеделник, е потребна за да се балансираат гранките на власта бидејќи, според нив,  Врховниот суд има преголеми овластувања и презема премногу интервенции.

Критичарите, пак, од друга страна, тврдат дека ова тело е клучно за заштита на граѓанските права во земја без устав и со еднодомен парламент – Кнесет во кој доминантна улога има владата. Сметаат дека со реформите ќе се ограничи правото на Судот да спречува „неразумни“ одлуки на владата и министрите.

Носејќи израелски знамиња, колона демонстранти денеска маршираа по главниот автопат кон Ерусалим во време на интензивни горештини. Противниците на реформите планираат да се соберат пред парламентот пред гласањето.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека голем број Израелци се загрижени поради планираните промени, кои, според аналитичарите, и наштетија на економијата и го загрижија клучниот сојузник на Израел, САД. Вашингтон го повика Нетанјаху, кому му се суди по обвиненијата за корупција што тој ги негира, да изгради консензус за реформи. Кризата предизвика и поделби во армијата, која долго време се сметаше за аполитичиен и обединувачки елемент во поделеното општество.

Треба да знаете
Последни објави