Здравствената состојба на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е добра по вградувањето на електростимулатор за срце (пејсмејкер), соопшти утринава болницата Шеба. Нетанјаху беше хоспитализиран во неделата вечерта за да му биде вграден пејсмејкер во болничкиот центар Шеба во Тел Авив.
Премиерот ќе остане под медицински надзор на одделот за кардиологија“, се додава во соопштението. Пред една недела 73-годишниот Нетанјаху преноќил во болница поради вртоглавица. Докторите потоа решија да го следат ритамот на неговото срце со Холтер монитор, објасни минатата недела професорот Амит Сегев, шеф на кардиологија во Шеба.
Премиерот беше повторно хоспитализиран еден ден по масовните протести во Тел Авив и Ерусалим против предложената судска реформа на неговата влада, која ја подели земјата. Демонстрантите се против реформите во судството за ограничување на овластувањата на Врховниот суд.
Вчера десетици илјади луѓе маршираа низ улиците на Тел Авив и протестираа пред парламентот во Ерусалим против контроверзната судска реформа, за која парламентот најверојатно ќе гласа в понеделник. „Демократија или револуција“, скандираа демонстрантите во Тел Авив за време на 29-тиот ден од општа мобилизација на населението.