Поради пожарот на Родос илјадници луѓе евакуирани од домови и хотели

Поради големите шумски пожари на грчкиот остров Родос, евакуирани се илјадници луѓе од загрозените подрачја, соопшти општинскиот претставник Терис Хацијоану, а пренесува локалниот информативен портал Rodiaki.gr. 

Луѓе се евакуирани од домови и хотелите откако шумските пожари зафатија големи делови од островот. Грчката противпожарна служба предупреди дека ситуацијата може да се влоши поради временските услови.

Нема информации за повредени, соопшти Министерството за климатски кризи и цивилна заштита во Грција. Се вели дека посетителите се безбедно евакуирани од погодените области на Родос – кои претставуваат помалку од 10% од туристичкото сместување на островот – и се пренасочуваат во други хотели на островот. Потполковник Јанис Артопоиос, портпарол на Грчкиот противпожарен корпус, кажа дека пожарите се најтешките со кои се соочила службата.

Островот се бори со шумските пожари предизвикани од силните ветрови од вторникот, додека Европа се справува со топлотен бран. Пет хеликоптери и 173 пожарникари оперираа во областа, а три хотели во областа Киотари се пријавени дека биле оштетени од пожар. Зафатени беа и областите Лаерма, Лардос и Асклипио.

Приватни чамци ѝ се придружија на грчката крајбрежна стража за да помогнат во преземањето на луѓето од плажите на исток на островот. Бродови на грчката морнарица се упатуваат кон областа, која е популарна кај туристите. Заменик-началникот на пожарникарите Јоанис Артофиос рече дека бродската компанија „Блу стар“ закотвила еден од нејзините бродови на пристаништето за сместување на евакуираните. Други се сместени на затворен стадион на островот, според заменик-градоначалникот на островот.

Треба да знаете
Последни објави