Во време кога се кршат копја околу нови концесии, во земјава со децении работи рудникот Бучим, чија главна дејност е ископ на руда, од кои се прозведува сув бакарен концентрат кој содржи бакар, злато, сребо и катоден бакар и истиот се извезува на странски пазари.
Рудникот, кој во 2005 година беше приватизиран од страна на Солвеј Инвестмент Груп, на државата и плаќа надоместок за простор и надоместок за продадена суровина. Според податоците од Министерството за економија, во првите шест месеци од годинава се платени концесиски надоместоци за двата копа – Бучим и Боров Дол во висина од 923.000 евра.
Минатата година, по ист основ, беа платени 1,6 милиони евра.
Според последниот објавен извештај за работење на интернет страната на Бучим за 2020 година, во таа година биле произведени 28.484 тони бакарен концентрат, што содржи 5.903 тони бакар, 448 кг злато и 862 кг сребро.
Во истата година, концесискиот надоместок изнесувал 1 милион евра, а по основ на данок на добивка, што е приход на буџетот на Република Северна Македонија, биле платени 1,5 милиони евра.
Рудникот е најголем работодавач во Општина Радовиш, а просечната месечна исплатена плата во 2020 година била 564 ера.
Бучим од Министерството за животна средина и просторно планирање има добиено А – Интегрирана еколошка дозвола, а квалитетот на воздухот се следи на три мерни станици преку 24-часовни идикативни мерења на PM10 честичките. (З.П.)