Во 90. година од животот почина легендарниот Љубомир Бранѓолица, еден од најуспешните македонски композитори, автор на музика за повеќе балетски претстави и филмски остварувања, но и автор на повеќе забавни хит-мелодии, за многу македонски пејачи, како и автор на песни за деца.
Бранѓо, како што сите нагалено го ословуваа, роден е на 19 август 1932 година, во градот Херцег Нови, на Јадранско Море, во Црна Гора. Своето средно музичко образование го завршува во Риека. Во тогашната Народна Република Македонија доаѓа во 1954, останувајќи да работи во домовите на ЈНА во Куманово и Скопје.
Од 1957 е корепетитор во Балетот при Македонскиот народен театар, а потоа добива статус на слободен уметник до 1966 година. Тогаш се вработува во Радио-телевизија Скопје, како продуцент музички соработник и уредник на Музичката програма. Во меѓувреме дејствува како пијанист и како балетски критичар. Бранѓо за време на својата богата кариера бил корепетитор во Балетот при МНТ и музички продуцент во МРТ. Учествувал со своите забавни композиции и на многубројни „Скопски фестивали“.
Неговото творештво им припаѓа на повеќе жанрови (класична, поп-музиката итн.), а во него се застапени повеќе музички форми. Стилски тоа може да се класификува во т.н. еклектицизам на ⅩⅩ век, што значи дека најдобро може да се опише со помош на префиксите „нео” (неокласицизам, неоромантизам…).
Сепак, главен белег му даваат неговите балети, концертантните композиции, оркестарските дела, како и творбите што ѝ припаѓаат на популарната музика. Воедно беше и автор на музика за голем број театарски претстави, телевизиски серии и филмови.
Во 1984 година ја издава книгата „Балет“ а во 2000 год, книгата „Музика – 50 години со вас“..
Во март 2006 година, Бранѓолица ја добива наградата за животно дело „Трајко Прокопиев”, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.