Оризопроизводители, но и земјоделци кои имаат ниви со пченка, детелина и градинарски култури денес во селото Крупиште го искажаа својот револт и побараа надлежните да го решат проблемот со наводнување од Хидросистемот „Брегалница“.
Претседателот на Месната заедница на Крупиште, Павле Георгиев вели дека пет дена немаат вода за наводнување, ниту пак да ги одржуваат оризовите ниви под вода. Посочи дека изминатиот период Овчеполскиот регион имаше проблеми, а сега пак и тие. Проблемот не лежи во недостатокот на вода, туку во тоа што поради неодржување на системот, водата не стигнува до нивните ниви. Најмалку 500 хектари од оризот се сушат, а зафатени се над 1000 хектари во кои се вклучени и други култури.
– Не можеме да произведеме храна за сопствената стока. Ако ова вака остане, ќе бидеме принудени да фаќаме и ние некаде во странство. Тука вложивме голем капитал, годините си одат, а пари немаме. Произведувам детелина, пченка, луцерка, крави имам, со тоа се занимавам, истакна земјоделецот Методи Ефремов од село Долни Балван.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов им даде поддршка на земјоделците. Земјоделците посочија дека ова е предупредувачки протест на кој бараат АД Водостопанство да преземе мерки. Доколку состојбата не се промени, ќе организираат поголем протест со блокада на магистрален пат. Директорот на Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов вели дека земјоделците го немаат информирано за проблемот, но ги повика да дојдат и да разговараат.