Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за порталот „Журнал” на прашањето колку граѓаните се запознаени со лажните вести и кои се последиците од нив, истакна дека лажните се вести се еден од посериозните предизвици на новото време.
„Една од клучните битки е справувањето со лажните вести. Владата направи акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво со цел да се зајакне националната безбедност и сигурноста на граѓаните. Секако дека за ова разговаравме многу со медиумите, со невладниот сектор. Многу е важно да се подигне јавната свест во однос на заканите од лажните вести и секако дека ние како институција, се трудиме максимално да се спротивставиме. Најдобриот одговор на лажните вести е да ја пласирате вистината и информациите навремено.”, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски образложи дека за граѓаните да се чувствуваат безбедно од лажните вести институциите мора да работат на достигнување целосна транспарентност и отчетност.
„Нашата транспарентност од година во година расте и ако 2016 година сме имале 59.5% просечна транспарентност, на крајот од 2022 таа изнесуваше 91.7%. Нашите партнерства и со Европската Унија и како земја член на НАТО имаме и задача одлучно да се справуваме со лажните вести и дезинформациите коишто предизвикуваат сериозни нарушувања на општествените текови генерално.”, ја потенцираше важноста на транспарентноста Спасовски. Во насока што Министерството за внатрешни работи прави за заштита од хибридните и сајбер заканите, Спасовски образложи дека министерството има исклучително организирана меѓусекторска соработка на размена на податоци и преку секторите за борба со организиран и компјутерски криминал успешно се справуваме со тие закани.
„Морам да кажам дека протоколот за процена на сериозноста на хибридните закани што беше донесен во изминатиот период даде многу голем резултат во справувањето пред се со хибридните закани, со електронските дојави со сето она што може да го наруши безбедносниот систем. Секако дека многу е важна критичната инфраструктура во државата и за тоа треба да бидеме свесни и подготвени и институциите и граѓаните. Во овој дел нашиот сектор за компјутерски криминал е носител во оваа борба со ваквите електронски напади презема низа на мерки и активности, се со цел да влијаеме и превентивно и репресивно. Ако погледнеме низ призмата на статистиката во овие изминати пет месеци во делот на компјутерскиот криминал имаме намалување на вкупниот криминалитет некаде за 7.4%, регистрирани се 112 кривични дела за коишто кривично се пријавени 65 сторители, причинетата материјална штета во овие кривични изнесува околу 31.9 милиони денари, и е зголемена за околу 6.4% пати во однос на лани кога таа изнесувала нешто повеќе од 5 милиони денари. Тоа покажува дека активноста преземањето на мерките ја зголемува и ефикасноста која што е некаде од 47.3%, расветлени се 53 кривични дела и ова се тие активности кои што перманентно ги преземаме како Министерство, секако дека намалувањето на овој компјутерски криминал е резултат и на намалувањето на кривичните дела од платежните картички кои што беа многу во еден подем во изминатиот период или учествуваа со 43% од вкупниот криминалитет што го имаме.
МВР во наредниот период ќе биде носител на активности за изготвување на Националната стратегија за компјутерски криминал а од страна на работна група координирана од МИОА согласно со европските стратешки насоки и добрите практики веќе знаеме дека е изработена Националната стратегија за сајбер безбедност 2023-2027 која што има и Акциски план.
За граѓаните е најважно да бидат свесни за сериозноста од компјутерските закани и соработката со институциите се со цел да можеме брзо и ефикасно да се справиме со овие закани-рече Спасовски.