Судијата од Врховен суд Наќе Георгиев денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет непосредно пред да даде заклетва во Собранието и со тоа го отвори патот неговиот син, Кирил, да биде избран за судија.
Тој беше избран со само шест гласа „за“ (сосе неговиот) од редовите на врховните судии на избори што се одржаа на 13 јули, а за денеска во 9:30 часот беше закажано заедно со судијката Антоанета Димовска која беше избрана за членка на Судскиот совет од скопското апелационо подрачје, да даде заклетва во Собранието. Меѓутоа, тој поднесе оставка, па давањето заклетва од страна на Димовска се презакажа за попладне.
Додека Георгиев не дочека да учествува на седница на Судскиот совет, неговите „несудени“ колеги од ова тело неколку часа по оставката избраа 25 нови судии, меѓу кои и неговиот син Кирил Георгиев.
Како еден од кандидати од последната генерација што ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, синот Георгиев конкурираше за судија во Основниот кривичен суд Скопје, а денешниот избор во Судскиот совет и за него и за останатите нови судии беше едногласен со 11 гласа „за“.