Книгите „Дни, години“ на Димитар Башевски, „Две мориња“ на Јосип Коцев, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска, „Филмски песни“ на Дејан Трајковски и „На врв на јазикoт“ на Катица Ќулавкова, влегоа во избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2022 година до 31 мај 2023 година.
Добитникот на наградата, како што соопшти денеска Националната установа Струшки вечери на поезијата, ќе биде прогласен на прес-конференција на 28 јули, на која ќе присуствуваат членовите на жири-комисијата, а ќе бидат поканети и авторите од потесниот избор.
– Согласно, правилникиот за наградата „Браќа Миладиновци“, членовите на жири-комисијата работеа во две фази: поединечна и заедничка. Во поединечната фаза, секој член работеше самостојно, без да ги знае останатите членови изготви негов личен потесен избор од пет книги, кои ги рангираше од прво до петто место. Откако индивидуалните избори на секој член беа доставени до дирекцијата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, беше свикан заеднички состанок на кој членовите на жири-комисија почнуваат со заедничка работа утврдуваат заеднички избор од пет книги, според бројот на гласови кои одделните книги ги добиле при поединечните избори и според гласањето на мнозинството на комисијата, појасни НУ СВП во соопштението.
На Конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ кој беше распишан од 31 мај до 25 јуни, пристигнале вкупно 35 наслови.