Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, посочи дека Украина ќе продолжи со нападите врз Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 и преминот Керч, кој го поврзува со руското копно.
„Сите овие цели се легитимни, бидејќи тоа ќе го намали нивниот капацитет да се борат со нас и ќе помогне да се спасат животите на Украинците“, рече Резников во интервју за Си-Ен-Ен.
На прашањето дали целта на Украина е трајно да го оневозможи мостот, Резников одговори дека нормалната тактика е уништување на логистичките линии на непријателот, бидејќи е спречено снабдувањето со муниција, гориво и храна.
„Затоа ќе ја искористиме оваа тактика против нив“, рече Резников.