Илјадници израелски лекари денеска стапија во штрајк, а лидерите на синдикатите се заканија со генерален штрајк еден ден по усвојувањето на законот со кој се ограничуваат овластувањата на Врховниот суд на Израел.
Здружението кое ги застапува речиси сите лекари во Израел за денеска најави масовен штрајк, а работат само службите за итни и критични случаи.
Четири водечки израелски весници ги покрија своите насловни страници со црна боја, а на дното објавија само една реченица: „Црн ден за израелската демократија“.
Најголемото израелско здружение на работници Хистадрут, кое претставува околу 800.000 вработени, денеска најави подготовка за генерален штрајк.
На вчерашното гласање во Кнесетот (израелскиот парламент) беше усвоен првиот закон на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за спорната реформа на судството. Законот беше усвоен и покрај масовните протести низ Израел, кои почнаа на почетокот на јануари веднаш штом беа објавени реформскиот план и ветувањата на Нетанјаху за компромис, и предупредувањето против таквата промена од САД, најблискиот сојузник на еврејската држава.
Законот беше усвоен едногласно од владејачката коалиција, која се состои од ултранационалистички и ултраортодоксни еврејски партии, заедно со конзервативната Ликуд на Нетанјаху, откако пратениците од опозицијата ја напуштија салата извикувајќи: „Срамота!“.
Противниците на реформата рекоа дека нивниот протест не е завршен, а организациите за граѓански права поднесоа петиции до Врховниот суд, барајќи да се укине новиот закон и да продолжат протестите на улиците.
Стотици илјади луѓе синоќа демонстрираа под национални знамиња во Тел Авив, палејќи автомобилски гуми и фрлајќи петарди.
Во центарот на Ерусалим полицијата на коњи ги растера демонстрантите, а беа употребени и водени топови со смрдлива вода. Уапсени се речиси 40 лица.
Илјадници воени резервисти најавија дека повеќе нема да одговараат на доброволна должност, што може да ја поткопа борбената готовност.
Реформата, исто така, се заканува да предизвика тензии во односите со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, да го загрози новиот сојуз со арапските земји и да го продлабочи конфликтот на Израел со Палестинците, велат аналитичарите.