Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска и утре престојува во Турција каде ќе го посети меѓународниот саем за одбранбена индустрија ИДЕФ23 и ќе се сретне со својот колега, турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер.
Северна Македонија и Турција имаат исклучително блиски и плодни одбранбени односи и како партнери, и денеска како сојузници во НАТО – Алијансата. Турција досега ја има поддржано македонската Армија со средства и опрема во висина од околу 30 милиони долари, а во моментов во тек е набавка на артилериски системи од Турција и тоа преку договор Влада-со-Влада. Армијата на Република Северна Македонија преку овој договор ќе се опреми со хаубици од типот „Боран“ кои согласно планот треба да бидат испорачани во текот на 2025 година.
Меѓународниот саем за одбранбена индустрија ИДЕФ 23, кој се одржува по 16-ти пат ќе биде посетен од над 400 официјални делегации, вклучувајќи и министри за одбрана, а на саемот ќе се претстават околу 1.000 домашни и меѓународни компании од одбранбената индустрија. На саемот ќе бидат присутна и компанијата ASELSAN од која се набавуваат и дел од системите за новите артилериски системи за Армијата на Република Северна Македонија.