Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Истанбул го посети и најголемиот саем на одбранбена индустрија во земјата, ИДЕФ 23 каде се претставија околу 1.000 домашни и меѓународни компании од индустријата, а присутни беа над 400 официјални делегации, вклучувајќи и министри за одбрана.
Министерката Петровска ги посети и штандовите на компаниите ASELSAN, BMC и NUROL, каде се запозна со новите достигнувања на воената индустрија и производите на овие турски компании. Компанијата ASELSAN произведува и дел од опремата за новите артилериски системи кои ги набавува Северна Македонија од Турција преку Договорот Влада-со-Влада, кои согласно планот треба да пристигнат во текот на 2025 година. Овие артилериски системи се целосно компатибилни со вооружувањето на сојузничките земји и се изработени согласно највисоките стандарди на Алијансата. Истите се наменети за потребите на артилерискиот баталјон на Армијата, а приоритет е ставен на пополната на капацитетите на армиската НАТО – единица.
Во рамките на воено-финансиската соработка со Турција, досега реализирани се набавки од речиси 2,5 милиони долари од компанијата ASELSAN – со турска поддршка набавени беа системи за врски како и придружна опрема.