Пожари предизвикани од екстремниот топлотен бран го обиколија сицилијанскиот град Палермо откако температурите се искачија на 47 степени овој понеделник.
55 пожари биле пријавени на островот Сицилија, поради што локалните власти беа приморани привремено да го затворат аеродромот и дел од автопатот. Стотици пожарникари од други делови на Италија се очекува да пристигнат за да помогнат во гасењето на пожарите.
88 годишна жена загина во градот Сан Мартино деле Скале, неколку километри од главниот град на Сицилија, откако пожарите ги оневозможија итните служби да пристигнат на време.
„Никогаш немаме видено вакво нешто“ – изјави жител на градот, „Бевме опколени со пожар. Не можевме да одиме никаде. Ноќта ја поминавме на градскиот плоштад. Тоа беа страшни моменти.“
Над 120 семејства беа евакуирани од нивните домови во Мондело, Капо Гало и Поџо Риденте. Болници низ Палермо објавија огромен пораст во бројот на пациенти кои страдаат од топлотни проблеми.
Температурите во Палермо го скршија претходниот рекорд од 44.8 степени поставен во 1999 година. Националниот институт за астрофизика изјави дека температурата од 47 степени беше измерена на нивната дигитална метеоролошка станица. Европскиот рекорд, 48.8 степени, беше регистриран во Флоридија, Сицилија во Август 2021. Температурите се високи низ цела јужна Италија, но се очекува пад во среда.