Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Журнал, разговараше за придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата. Притоа, запрашан за тоа колку е подобрена состојбата со безбедноста по членството во НАТО, министерот Спасовски го истакна фактот дека НАТО е најмоќната политичко безбедносна Алијанса во светот, како и важноста да се биде дел од истата.
„Факт е дека НАТО е најмоќната политичко безбедносна Алијанса во светот. Пред се’ за колективна одбрана таа е воено супериорна над сите сили, многу политички силна, многу релевантна, и ако погледнеме низ бројки таа обединува некаде над 1 милијарда луѓе или повеќе од 50% од светскиот БДП. Тоа покажува колку е силата во овој воено-политички сојуз и колку е важноста да бидете дел од таков сојуз. Ние ако погледнеме што добивме од членството во НАТО Алијансата, прво не сме дел од тие геополитички дискусии кои се водеа пред да бидеме членка на НАТО Алијансата, туку веќе како субјект, како дел од НАТО Алијансата придонесуваме во дискусиите и пред се’ во носењето на одлуките коишто се важни за функционирање на Алијансата, за мирот, стабилноста, за безбедноста”, рече министерот Спасовски. Истакнувајќи ја силната посветеност на НАТО кон земјите од овој регион, како влог во зачувување на глобалниот мир, министерот Спасовски потенцираше дека ваков пристап дава резултати, а кој беше промовиран и на самитот во Брисел во 2021 година и реафирмиран во новиот стратешки концепт на НАТО и долгогодишниот ангажман на Алијансата за Западен Балкан.
„Пред се’, тоа се земји коишто ги делат истите вредности за силни демократски општества базирани на траен мир кој ќе создава економски просперитет и благодет за граѓаните и секако дека ние во тој правец работиме да целосно го унапредиме нашето членство во НАТО Алијансата, да ги зајакнеме сите тие врски коишто ги имаме. Сите државни институции коишто се дел од безбедносно-разузнавачката заедница, па и системот за справување со кризи, многу проактивно ја следат целата состојба, анализираат, се дел од тој систем којшто го имаме”, истакна министерот Спасовски. Притоа, тој наведе конкретни придобивки во областа на безбедноста.
„Ако говориме во делот на сајбер безбедноста, кога говориме за лажните вести, тоа се едни од принципите за коишто практично се спроведуваат заеднички политики со НАТО. Многу е важно да се заштити критичната инфраструктура, да видиме која е отпорноста на институциите во делот на справување со хибридни закани. Како и на кој начин да ги зајакнеме тие наши капацитети и мислам дека во тој правец многу помага и НАТО Алијансата којашто со свој експертски тим работат за да ги утврдиме сите нивоа на подготвеност на македонските институции, што е тоа што треба да го направиме во наредниот период. Ако говориме генерално за безбедноста, и за мирот и стабилноста на територијата на државата, најдобар показател за тоа колку е важно да бидете дел од НАТО Алијансата е руската агресија врз Украина.
Ние за многу кратко време, практично, ги видовме тие бенефити, што значи да бидете дел од еден сојуз, да имате сериозна поддршка, закрила и да вашиот територијален интегритет биде крајно сигурен, недопирлив итн. Тоа е најважно за нашите граѓани, посебно заради тоа што Република Северна Македонија се наоѓа во овој регион и има исклучитено важна геостратешка позиција. Сметам дека целиот овој регион треба да биде дел од Алијансата, секако дека секоја од државите одлучува за својата иднина, меѓутоа мислам дека најдобрата можност да имаме мирна, стабилна, просперитетна иднина за нашите граѓани, нашите држави, е токму да бидеме од вакви моќни воено-политички сојузи”, подвлече Спасовски.