Под мотото „Redefining E-commerce: A(I) New Era!” на 14 ноември во Националната опера и балет во Скопје ќе се одржи шестата годишна конференција за е-трговија, која од лани има регионален карактер и е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.
Конференцијата годинава ќе се одржи со целосно нов концепт и нова локација, насочувајќи го фокусот кон новата ера во човековото живеење – искористувањето на потенцијалот на вештачката интелигенција, која во последно време го доживува својот подем, ги менува правилата на играта во е-трговијата и ја редефинира и трансформира целата индустрија.
Организаторите, како и претходните години, најавуваат програма исполнета со истакнати меѓународни и домашни говорници.
Оваа година, покрај тоа што традиционално ќе се презентира прегледот од извештајот на анализата за е-трговија во земјата и регионот, во фокус на програмата ќе бидат и важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет нарачките, како и начините како е-трговците да го подобрат корисничкото искуство за онлајн купувачите.
– Горди сме што конференцијата за е-трговија станува се повеќе препознатлива и важи за една од најголемите и најпосетуваните бизнис конференции за е-трговија во регионот. После пет успешно реализирани изданија, годинава правиме значајни подобрувања во организацијата, претставувајќи ја новата ера на е-трговијата. Конференцијата ќе понуди широк спектар на знаење, идеи и практични вештини, кои ќе ги поддржат и насочат претприемачите и претпријатијата да се справат со современите предизвици во дигиталната ера. Со фокус на учесниците, оваа година очекуваме конференцијaта да биде најголемото и најуспешното регионално издание досега, обединувајќи ги водечките компании, иноватори и експерти во е-трговијата и овозможувајќи им да изградат значајни партнерства и да ги прошират своите бизнис хоризонти, додаваат од АЕТМ.
Минатата година конференцијата за е-трговија беше домаќин на повеќе од 500 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.
„Super Early Bird“ картите за присуство на конференцијата, кои се во ограничен број, се веќе пуштени во продажба по специјална цена од 69 евра.
Повеќе информации за говорниците, агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата достапни се на: https://ecommerceconference.mk/.