Белгиската филијала на банката ИНГ обвинета за залажување на штедачите

Белгиската организацијата за заштита на правата на потрошувачите „Тест Ашат“ реагира на висината на каматните стапки што белгиската филијала на холандската банката ИНГ им ги нуди на штедачите во Белгија, оценувајќи дека станува збор за „правна измама“ и дека банката ги довела во заблуда клиентите да веруваат дека нејзините стапки се поповолни отколку што навистина се.

Според новопредложените услови на ИНГ, на клиентите наводно им се нуди вкупна камата на штедни влогови од 2,25 отсто, што е повеќе од понудите на КБЦ, „БНП Париба Форти“ и „Белфиос“, кои заедно со ИНГ ја сочинуваат групата на четири најголеми банки во Белгија.

Но, „Тест Ашат“ тврди дека станува збор за измама, бидејќи стапката од 2,25 отсто е поделена на основна каматна стапка од 0,75 проценти и стапка за „премија за верност“ од 1,5 отсто, но која клиентите можат да ја добијат дури по една година. Дополнително на штедачите им е забрането да депонираат повеќе од 500 евра месечно на нивната сметка.

Аналитичарот Николас Клејс пресемтал дека ако еден штедач депонира по 200 евра на сметката во ИНГ секој месец, во текот на првата година ќе добие само 13 евра камата – што претставува вкупната стапка од 0,98 отсто. Дури по две години, каматната стапка би се искачила на 1,59 проценти, а по три години би достигнала 1,80 отсто.

– Во текот на целиот период, заштедите всушност никогаш не достигнуваат 2,25 проценти, изјави Клејс за белгикиот весник „Ехо“, додавајќи дека банката прикажува стапка што не одговара на реалноста и ја нарушува конкуренцијата.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, обвинувањата на „Тест Ашат“ доаѓаат во време кога белгиските банки се под засилен притисок за зголемње на каматите на штедните депозити, бидејќи тие не го следеа растот на основната каматна стапка што го направи Европската централна банка (ЕЦБ).

Според Факултетот за менаџмент ИЕСЕГ, само изминатите неколку месеци ЕЦБ ја зголеми основната каматна стапка за четири процентни поени, но растот на каматите на белгиските банки остана ограничен и не го следеше тоа темпо.

Во студијата на ИЕСЕГ се додава дека разликата во стапките на ЕЦБ и оние што ги нудат комерцијалните банки во Белгија, доведе до нивни зајакнати перформанси. Така само, „БНП Париба Форти“ лани остварила профит 3,16 милијарди евра, што претставува раст за 18,8 отсто во однос на 2021 година.

Ваквите состојби поттикна некои од членките на седумпартиската белгиска владина коалиција да предложат мерки за приближување на каматните стапки. Така, фламанската социјалдемократска партија Прогрес (Вурајт) предложи индексирање на белгиската минимална каматна стапка на штедните влогови со стапката на депозитите на ЕЦБ, а валонската зелена партија Еколо предлага законска минимална стапка од 3 отсто за првите 10.000 евра депонирани како заштеда.

Но, белгиските банки се спротивставија на ваквите предлози. Федерацијата на белгискиот финансиски сектор (Фебелфин) предупреди дека секое задолжително зголемување на каматната стапка ќе претставува „непромислена интервенција“ што може „длабоко да влијае на стабилноста на банкарскиот сектор“.

Забелешките на Фебелфин делумно беа потврдени и во извештајот на Националната банка на Белгија (НББ), објавен минатиот месец, во кој се оценува дека такви законоски регулативи би можеле да имаат „далекосежни последици врз профитабилноста на банките, управувањето со каматниот ризик и солвентноста, односно финансиската стабилност“. 

Треба да знаете
Последни објави