Фрлањето пари во фонтани и посакувањето желба е стар обичај, а една од најпознатите такви фонтани секако е онаа во Рим. Фонтаната ди Треви е една од најголемите италијански туристички атракции. Има многу приказни за фонтаната, а не би можело да биде поинаку за споменикот во Рим кој не само што го претставува градот, туку и Италија за луѓето ширум светот. На фонтаната Треви се снимени незаборавни филмски секвенци и околу неа се формираа бројни суеверија и легенди.
Најважното нешто што треба да направите кога ќе се дојде во Рим е да се фрли паричка во фонтаната: со грбот свртени кон фонтаната, преку рамо, се фрла паричка. Ова е сигурна гаранција дека еден ден повторно ќе се вратите во Рим. Има и друга легенда. Ако фрлите три парички: првата гарантира повторна посета на градот; втората значи љубовна врска, а третата свадба.
Оваа барокна фонтана од паричките на туристите дневно собира и до 3 илјади евра, што е кумулативна сума од приближно 1,5 милиони евра годишно. Што се случува со сите тие пари? Дали луѓето понекогаш се во искушение да ги извадат сите тие монети од водата? Се чини дека одговорот е да, бидејќи во 2001 година тогашниот градоначалник на Рим наредил паричките да се собираат од страна на Општината, а потоа да се дадат во добротворни цели.
Поконкретно, средствата одат за организацијата Каритас, а нивните вработени редовно ги собираат фрлените парички со стапови и црево за вшмукување, додека полицајци чуваат стража во близина, се со цел да соберат пари за добротворни проекти и да ја исчистат фонтаната од нечистотии.
Иако првично идејата беше парите ставени во фонтаната да станат дел од фонд за реставрација на наследството, се чини дека сепак победи идејата за помагање на оние на кои им е најпотребно. Каритас со парите им помага на сиромашните и на сите на кои им е потребна помош во градот. Финансира народни кујни, засолништа за бездомници, бесплатни супермаркети и други проекти кои им помагаат на оние на кои им е потребно. И стана сакана традиција исто како и фрлањето паричка.