Ватиканскиот обвинител Александро Диди на судењето на кардиналот Анџело Бечиу за корупција денеска го повика судот да го прогласи за виновен некогашниот многу моќен функционер на Светата столица и да го осуди на седум години и три месеци затвор.
Одлуката на судот се очекува на крајот на годината, по летната пауза и дополнителните рочишта во кои ќе бидат вклучени оштетените, вклучително и Ватиканската банка.
Ова е едно од најголемите судења во историјата на Ватикан. Кардиналот Бечиу, некогашен заменик државен секретар, е првиот кардинал на кој му се суди во градот-држава.
На кардиналот (75) и на уште деветмина сообвинети им се суди за инвестицискиот скандал во кој со црковни пари се купила вила во луксузниот лондонски кварт Челзи, а за имотот, провизиите и другите услуги наводно биле платени неколку стотици милиони евра.
Обвинителот Диди во судскиот процес што почна пред две години се обиде да докаже дека кардиналот и другите обвинети се виновни за злоупотреба на службената положба, перење пари, измама, проневера и корупција.
Загубарскиот бизнис со недвижнини во Лондон се вршел, меѓу другото, и со средства на Државниот секретаријат на Светата столица.
Сите обвинети негираат каква било злоупотреба.
Бечиу пред обвинителот да го каже своето судбено барање кажа дека бил повреден од начинот на кој Диди негативно го прикажал како „злобна личност“.
-Отсекогаш работев за доброто на Црквата и ѝ го посветив целиот живот. Невин сум и никогаш не сум украл ниту цент, ниту сум се збогатил себеси или членовите на моето семејство, рече Бечиу.
Откако беше отпуштен од државниот секретаријат, Бечиу беше лишен од „правата што му припаѓаат како кардинал“ и по смртта на папата Франциск или негова абдикација, тој нема да има право да влезе во тајната конклава за да го избере следниот папа.