Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета на Италија, каде заедно со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани; заменик претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел и министерката за надворешни работи на Република Албанија, Олта Џачка ќе одржат квадрилатерален министерски состанок во Бриндизи.
Во фокусот на разговорите ќе бидат конкретните начини за унапредување на соработката и поддршката на имплементацијата на паневропскиот Коридор VIII што ги поврзува Јадранското и Црното Море.
Овој прв квадрилатерален министерски состанок се очекува да прерасне во политичка платформа, која ја иницираше Османи, уште во 2021 година, информираат од МНР.
Иницијативата 8 (И8) е замислена како политичка платформа која ќе обезбеди дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка и интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната размена меѓу четирите држави долж Коридорот VIII.