Свечена седница во Собранието по повод 60 години од Скопскиот земјотрес: Успеавме, затоа што бевме заедно

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска на свечена седница се одбележа шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

На седницата, на која присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници од државниот врв, пратеници, претставници од „Црвениот крст”, верските заедници, дипломатскиот кор им оддадоа почит на семејствата кои ја преживеаа оваа трагедија и им се поклонија на жртвите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во своето поздравно обраќање пред присутните рече „Скопје ги спои околу една цел луѓето, институциите, меѓународните организации и воопшто човештвото.

Земјотресот го стави Скопје на пиедесталот како град – симбол на солидарноста, епитет на кој што сите ние се сеќаваме со должна почит, затоа што во секој агол на овој убав град наидуваме на дело кое е потсетник на интернационалната солидарност и потсетник за сите нас за тоа колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Потсетник за тоа колку значи подадена рака, понудена помош, топло засолнште и оброк во време кога си изгубил сѐ и си останал сосема сам со својот гол живот….Затоа е важно да се одбележи денов, за да не се заборави, за да  биде водилка низ нашето созревање како држава, колку и да сме мали, и наше облагородување како човечки суштества. Солидарноста, соработката и сплотеноста околу крајната цел, придонесува во намалување на несреќите. Успеавме, затоа што бевме заедно! И, ќе продолжиме да бидеме и понатака градот на солидарноста, градот кој што никна од пепелта и стана споменик на хуманоста! Да не се повтори никогаш! За многу среќни моменти во нашето убаво Скопје!”, додаде Џафери.

Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на свечената седница истакна дека „денес се сеќаваме на загинатите, сочувствуваме со нивните семејства кои сѐ уште ја чувствуваат болката, но исто така се сеќаваме и на храброста на сите оние кои од хаосот и руините на 26 јули, помогнаа да се роди едно ново Скопје”.

„Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното, се роди едно ново, модерно Скопје кое внесе нов, космополитски дух и енергија во која се сплотуваат старото и новото, современото и традиционалното. Таа моќ на трансформација, идеја за подобро утре, никогаш нема да престане да нѐ инспирира. Скопје стана симбол на светската солидарност, сплотеност и огромната пожртвуваност на сите оние кои помогнаа да се изгради градот кој доби нов архитектонски изглед”, нагласи Ковачевски.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека Скопје денес е познат како град на солидарноста, што не е фраза, туку е кодот на Скопје.

„Катастрофалниот скопски земјотрес кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото. Да градиме општество базирано на демократски вредности, на грижа за другиот, емпатија и хуманост, вредности кои ќе ги пренесеме и на генерациите кои следат. Заедништвото, почитта кон другите и поддавањето рака секаде и секому нека бидат наш мотив како на приватен, така и на работен план. Скопје е нашиот главен град. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и претците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас”, порача премиерот Ковачевски во своето обраќање на Свечената седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави