Тело изгорело во колиба, пронајдена и трета жртва од пожарите во Грција

Бројот на жртвите од катастрофалните пожари, кои со денови беснеат на грчките острови, се искачи на три по пронаоѓањето на телото на мажот кој беше пријавен за исчезнат.

Државната телевизија ЕРТ објави дека телото на 41-годишен сточар е пронајдено изгорено во колиба лоцирана во тешко пристапна област на островот Евија, пренесува „Ројтерс“.

Претходно, грчкото воздухопловство соопшти дека двајца пилоти, на возраст од 34 и 27 години, загинале кога нивниот противпожарен авион „канадер ЦЛ-215“ се урна вчера на островот Евија, источно од Атина.

„Овие три жртви се првите откриени и регистрирани смртни случаи во пожарите што веќе една недела беснеат на грчките острови“, изјави премиерот Киријакос Мицотакис и предупреди на тешки денови во борбата со огнената стихија.

Стотици грчки пожарникари со помош на колеги од Турција и Словачка се борат со пожарите, кои од средата беснеат на островите Родос, Крф и Евија.

Треба да знаете
Последни објави