Европската Унија утре ја испраќа оценската мисија во земјава за работата на Судскиот совет, по низата скандали и превирања изминатите неколку месеци. Лидерот на експертскиот тим, Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска ќе ја посети земјава на утре и задутре, со што ќе го означи почетокот на работата на мисијата, соопшти денеска Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Како што е објавено, прво ќе биде идентификуван обемот на работата што ќе ја врши оценската мисија, а работата, како што се наведува во соопштението, ќе биде комплетирана од тим од експерти од земјите-членки на ЕУ, кои во септември ќе ја посетат земјава.
Се додава дека тимот на експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитаат институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложат краткорочни и среднорочни мерки.
Евроамбасадорот Дејвид Гир на почетокот на месецов ја најави оценската мисија. Тој потенцира дека работата на Судскиот совет мора да се поправи.
Мислам дека турбуленции е вистинскиот збор за тоа. Го следиме тоа одблиску со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога. Тој треба да ја штити и и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Тое е неговата работа. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина… Неодамнешните слчувања се многу загрижувачки. До толку што поради тоа ние и предложивме на Владата да распоредиме тука оценска мисија на високо ниво за Судскиот совет, за да ги најде начините на кои ние може да одговориме на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста, за тие навистина да можат да ја вршат својата работа во иднина, рече тогаш Гир.
И премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави мисијата .
Јас првиот ден кога станав премиер, кажав дека такви системи знаат да имаат подруга слика за себе од тоа што има јавноста и затоа добро е што во рамките на соработката со ЕУ, ќе може да има процес на таква мисија за да ги проверат сите информации со Судскиот совет и потоа да ги споделат со нашите политички актери кои се инволвирани во правосудниот систем и со Европската комисија, кажа неодамна премиерот на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Судскиот совет ја поздравува и прифаќа идејата за оценска мисија од ЕУ за работата на ова тело. Преку соопштение посочија дека високо ги ценат напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот во изнаоѓање на конкретни решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.