Започна асфалтирањето на улицата ,,Герника” во Драчево, која беше заборавена повеќе од 30 години. Градоначалникот Ѓорѓиевски вчера вечер изврши увид во градежните активности кои поради топлотниот бран која ја зафати се одвиваат во вечерните часови. Се работи за градежен зафат на површина од околу 2800м2, односо асфалтирање на 700 метри коловоз, изградба на тротоар поплочен со павер елементи долж целиот потег, како и паркинг простор за околу 30-тина возила.
-Вечерва започнавме со асфалтирање на улицата ,,Герника” во Драчево, која беше заборавена повеќе од 30 години! Поради топлотниот бран која ја зафати Република Македонија, а грижејќи се за здравјето на вредните работници кои се грижат Кисела Вода да биде темелно променета, работиме во вечерните часови. Започнавме со градежни активности на ,,Герника” во Драчево на површина од околу 2800м2 на чија реконструкција се чека повеќе од триесет години. Овој зафат беше итна потреба а за тоа говореше самата состојба во која се наоѓа улицата, но и нејзината важност како сообраќајница по која се одвива јавниот градски превоз, која претставува конекција со железничката станица и која дополнително очекуваме да биде многу користена откако наскоро ќе биде завршен со изградба новиот рекреативен центар во ,,Дупки” со летно кино.
700 метри коловоз ќе добие нов асфалт, а градиме и тротоар поплочен со павер елементи долж целиот потег. На крајот од улицата, ќе има и паркинг простор за околу 30-тина возила. Мојот народ заслужува модерна, урбана и рамномерно развиена општина. Нема застој, продолжуваме со силно темпо-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.