Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи- Скопје, Изеир Мемеди денес ги промовираа новите канцеларии на подрачните центри за социјална работа на општините Аеродром и Центар. Граѓаните од овие општини сега ќе можат да ги остваруваат правата и услугите од системот на социјална заштита.
Министерката Тренчевска истакна дека заложбите на Министерството за труд и социјална политика, како ресорно министерство во областа на социјалната заштита, продолжуваат.
Таа се осврна и на потпишувањето на Општиот колективен договор со кој се унапредуваат правата на сите вработени во јавниот сектор, растот на платите од 10 отсто во септември, К-15 од 10.000 денари, најмалку 30 отсто од просечната плата следната година и новата методологија за раст на платите од 2025 година. Притоа нагласи дека унапредувањето на правата на вработените претставува и исполнување на очекувањата за испорака на поквалитетни услуги кон граѓаните.
Директорот Мемеди истакна дека Центарот за социјални работи продолжува со напорите да граѓаните кои што се корисници на услугите во континуитет бидат задоволни од професионалните услуги на стручните лица од Центарот.
„Во активна соработка со Министерството за труд и социјална политика обезбедуваме многу, многу подобри услови за работа на подрачните служби на Центарот и поквалитетни услуги за граѓаните. Денес сме во новиот простор каде се сместени подрачната служба за општините Центар и Аеродром која функционира како една служба и службата за лица со пречки во менталниот или телесниот развој,” истакна Мемеди.
Мемеди најави нови простории и за службите за Општина Кисела Вода, Карпош и Гази Баба.
Отворањето на новите канцеларии носи двојна придобивка односно се обезбедуваат подобри услови за вработените стручни лица во службите на центрите, како и поквалитетна услуга за граѓаните- корисници на социјалните права и услуги.
Министерката Тренчевска и директорот Мемеди денеска го реализираа и „Отворениот ден со граѓаните”, активност која извесно време се спроведува низ сите Центри за социјална работа низ државата. Целта е преку непосредни средби и разговори да се унапредат правата и услугите за граѓаните кои се корисници.