СКОПЈЕ ЈА ДОБИ СВОЈАТА „ТЕРАПИЈА“

Музејот на градот Скопје, вчеравечер беше „епицентарот“ на вистинската уметност, квалитетна музика, филм, фотографија. Оваа културна установа навистина беше претесна да ги собере сите граѓани, од најразлични генерации кои го посетија мултимедијалниот настан „Зборувај за Скопје – 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес“, организиран од музичката платформа „Терапија“.

Посетителите имаа уникатна можност да видат како се известувало за постземјотресно Скопје; извадоци од весници прикажани на дигитален начин. Исто така, преку изложбата „Скопје – градот Феникс“ на Зоја Богдановска, присутните се потсетија на солидарноста и помошта која другите земји ја дале за обновата на главниот град.

Сепак, Скопје и Македонија имаат и уметници на модерното време чии дела го збогатија вчерашниот настан. Сликата „Вечност“ на еден од најреноминираните уметници Михаил Корубин уште на самиот влез од Музејот го привлекуваше вниманието кај сите. Делото на Велимир Жерновски на еден суптилен начин ги освојуваше присутните, а „Сина резонанца“ на Антони Мазневски даде посебен шмек во надворешниот дел од Музејот.

Тоа што предизвика особено воодушевување беа и визуелните проекции (т.н. „мапинг“) на надворешниот и внатрешниот дел од Музејот. На овој начин, објектот добива зголемена впечатливост, се раскажува приказна на еден покреативен начин, кој е особено прифатен меѓу новите генерации.

Програмата ја водеше единствениот Игор Џамбазов, кој раскажа свои приказни и видувања за нашето Скопје. Музичкиот дел беше исполнет со уникатен мини – концерт на Тамара Тодевска, која  во придружба на Здружението на џез музичари и слободни уметници направија вистински музички времеплов и ги потсетија присутните на некои од најубавите македонски песни: „За нас почнува живот“, „Зборувај за Скопје“ и „Роден крај“.

Музичкиот дел продолжи со сетови на домашните DJ артисти Соња Исмаил и Андреј Мицајков, кои потврдија дека Скопје сака и знае да препознае квалитетна музика и журка.

Музичката платформа „Терапија“ се заблагодарува до сите присутни, кои вчера му дадоа љубов и една поинаква енергија на Скопје. Исто така, ја истакнуваме благодарноста и до поддржувачите на настанот: Градот Скопје, Министерството за култура, Делегација на ЕУ во Скопје (Europe House) и BWI.

Треба да знаете
Последни објави