Премиерот Димитар Ковачевски има намера да му помогне на раководството на Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска бидејќи не може да се доправи ништо во градот што е започнато како проект.
-Планирам да ги повикам раководството на Скопје за да видиме како можеме да помогнеме како влада. Опозицијата се фалеше дека ќе го направи Скопје метропола, но за жал, денес погледнете какво е. Кога граѓаните во големо мнозинство гласаа пред две години за избор на нов градоначалник, тие тој градоначалник го бираа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и сега не заслужуваат да гледаат две години кавга меѓу раководството на ВМРО и на Град Скопје, порача Ковачевски денеска од општина Аеродром.
Претседателот на Владата истакна дека политичар не е ставен на позиција за да се кара со некој друг, туку за да работи и за да обезбеди подобар живот на граѓаните.
За топлинската енергија во Скопје следнава зима, Ковачевски информира дека во Буџетот има одвоено средства во износ од 250 милиони евра за антикризни мерки, а една од антикризните мерки е и субвенционирање на парното греење во Скопје.