Официјално: Војдан и Дамјан Стојановски остануваат во МЗТ Скопје

Браќата Војдан и Дамјан Стојановски и следната сезона ќе настапуваат заедно и тоа во дресот на МЗТ Скопје, со кој дојдоа до шампионскиот трофеј во минатото домашно првенство.

Аеродром потврдија дека двајцата имаа валидни договори со клубот и дека тие нема да заминат во друга средина, без разлика на понудите кои доаѓаат до нив.

„Горди сме што во следните 365 дена во нашиот тим повторно ќе го имаме капитенот Дамјан, нашиот заштитен знак и една од најголемите клупски легенди, кој ќе ја одработи втората година од договорот потпишан минатото лето. Крај него ќе биде уште една легенда на макбаскетот, неговиот брат-близнак Војдан, кој исто така има уште една сезона за играње за нашиот клуб“, објавија од таборот на актуелниот првак на Македонија.

Сино-белите истовремено потврдија дека дел од ростерот за следната сезона ќе биде и талентираниот Андреј Андоноски, кој блесна во финишот од последниот шампионат и од кого се очекуваат многу во иднина. Вчера, „металците“ објавија дека екипата и во иднина од клупата ќе биде предводена од 29-годишниот тренер, Васко Атанасов.

Треба да знаете
Последни објави