Шумскиот пожар во Грција, кој се прошири поради силниот ветер, вчера предизвика серија големи експлозии во складиште за муниција на воздухопловните сили во централниот дел на земјата. Во Грција во моментов горат неколку пожари.
Во магацинот на воздухопловната база Неа Анхиалос, кој беше евакуиран пред експлозиите, нема повредени, а доцна вечерта пожарот повеќе не беше активен.
Грчкото воздухопловство соопшти дека борбените авиони Ф-16 од блиската база биле префрлени во друг објект како мерка на претпазливост, но дека базата не е под директна закана, пишува агенцијата „Асоушиејтед прес“.
Од големите експлозии во складиштето за муниција беа искршени прозорците на куќите во околината. Грчката противпожарна служба соопшти дека нема сериозни повреди во околните села, кои исто така се евакуирани како мерка на претпазливост.
Портпаролот на противпожарната служба Јоанис Артопиос изјави дека е наредена евакуација на 12 села во областа Волос-Неа Анхиалос. „И покрај натчовечките напори, нашите сили не успеаја да го запрат пожарот“, рече тој.
Артопиос рече дека пожарот во областа Волос е најопасниот од 124-те шумски пожари со кои требаше да се справат пожарникарите вчера.
Пожарот гореше на три места и принуди дел од најфреквентниот автопат во Грција да биде затворен неколку часа. Државната телевизија „ЕРТ“ прикажа како жителите и туристите во крајбрежното село Анкиалос, на околу 4 километри од местото на експлозијата, се евакуираат по море, додека други заминуваат со автомобили и автобуси.
Крајбрежната стража соопшти дека повеќе од сто жители биле пренесени во градот Волос со мали приватни чамци. Воздухопловната база Неа Анхиалос е на приближно 20 километри од градот каде што можеа да се слушнат силни експлозии.
Грчките пожарникари 10 дена по ред се борат со пожарот на Родос, каде пожарот сега е претежно под контрола. Оган избувна и на островот Евија.
Пожарите беснеат во делови на Грција за време на три последователни топлотни бранови на Медитеранот во изминатите две недели, при што загинаа пет лица, меѓу кои и двајца пилоти за гасење пожари. Исто така, поради пожарот, за време на викендот имаше голема евакуација на туристи на островот Родос.