Човечки останки се пронајдени на глечер недалеку од швајцарскиот Матерхорн а му припаѓаат на германски алпинист кој исчезна во 1986 година.
Телото било пронајдено на почетокот на месецот од страна на алпинисти кои го преминале глечерот „Теодул“, над Зермат, откако забележале дека ледениот чевел на планинарот ѕирка низ мразот. ДНК анализата потврдила дека се работи за германскиот алпинист кој исчезнал пред 37 години. По него била започната опсежна операција за пребарување и спасување, но таа не вродила со плод.
Полицијата не го прецизира неговиот идентитет, потврдувајќи само дека тој имал 38 години во моментот на исчезнувањето. Глечерот „Теодул“, како и другите глечери низ Алпите, видно се намалува во последните години. „Теодул“ е дел од целогодишниот скијачки регион Зермат, најголемиот во Европа.
До 80-тите години на минатиот век, „Теодул“ сè уште бил поврзан со соседниот глечер „Горнер“, но сега тие се одвоени. Скоро секое лето, мразот што се топи открива нешто или некој што исчезнал пред неколку децении. Така, минатата година, остатоците од авионот што се урна во 1968 година излегоа од глечерот „Алеч“.