Стопанска комора: Преку соработка со Бизнис Акцелераторот УКИМ до поголем пристап на македонските компании до европскиот пазар

Комората, преку нејзиниот Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, и Бизнис Акцелераторот УКИМ ќе бидат мост за поврзување со истакнати ментори кои ќе им помогнат на македонските иноватори, универзитети, претприемачи и постоечки компании да ја унапредат нивната идеја и да ги подготват за аплицирање на отворените повици

Во насока на поддршка на македонските компании за обезбедување нивен понатамошен раст и развој, Стопанската комора на Северна Македонија и Бизнис Акцелераторот УКИМ воспоставуваат соработка која ќе значи поврзување на компаниите со проектите финансирани од Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ).

Соработката има за цел да придонесе за информирање на македонските компании за отворените можности за финансирање што се нудат преку проекти од ЕИТ, но и од други извори на финансирање.

Комората, преку нејзиниот Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, и Бизнис Акцелераторот УКИМ, ќе бидат мост за поврзување со истакнати ментори кои ќе им помогнат на македонските иноватори, универзитети, претприемачи и постоечки компании да ја унапредат нивната идеја и да ги подготват за аплицирање на отворените повици.

За таа цел, со поддршка на Советот за компаниите ќе бидат реализирани девет настани на кои ќе им бидат презентирани можностите за финансирање што се нудат преку ЕИТ програмите. Настаните ќе бидат поделени според полето на делување: производство, дигитализација, климатски промени, енергија, здравје, суровини, храна, урбано движење, култура и креативност.

Преку првиот заеднички регионален центар во Скопје, со кој раководи Бизнис Акцелераторот УКИМ кој и воедно е Национален секретаријат на ЕИТ за С. Македонија, ќе се обезбедува централизиран извор на информации за сите услуги и можности кои на иноваторите/компаниите им се обезбедени од целата ЕИТ заедница. Европскиот институт за иновации и технологија брои повеќе од 3.200 партнери од врвни деловни, истражувачки и образовни организации низ Европа со над 70-на иновативни центри и вкупен годишен буџет од над половина милијарда евра.

Европскиот институт за иновации и технологија е тело на ЕУ и составен дел на програмата „Хоризонт Европа“, како и од Рамковната програма на ЕУ за истражување и иновации. Има за цел да ја заканува способноста на Европа за иновации, преку засилување на решенија за итни глобални предизвици и со негување на претприемачкиот талент за создавање одржлив раст и квалификувани работни места во Европа.

Преку заедничкото делување на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија и на Бизнис Акцелераторот УКИМ ќе се работи на создавање на можност за пристап до советодавни услуги за различни аспекти од иновацискиот процес, но и негова комерцијализација.

Треба да знаете
Последни објави