Шефот на американската дипломатија, Eнтони Блинкен, повика на итно ослободување на сменетиот претседател на Нигер, Мохамед Базум и враќање на демократскиот поредок во земјата.
Водачите на државниот удар во Нигер вчера го назначија генералот Абдурахман Тиани, познат и како Омар Тиани, за шеф на државата, објавувајќи дека го собориле Базум во седмото воено преземање во Западна и Централна Африка за помалку од три години.
Соединетите Држави нагласија дека му нудат безрезервна поддршка на соборениот претседател. Блинкен, исто така, ги предупреди оние што го приведоа Базум дека e загрозенa помошта од стотици милиони долари.
Базум е првиот избран претседател кој ја презеде функцијата по стекнувањето независност во 1960 година. Тој се смета за клучен сојузник на западните земји во борбата против исламските милитанти во регионот.
Засега се знае дека сопствените стражари го држат во затвор.
Блинкен го повика Базум по втор пат во последните денови, велејќи дека Вашингтон ќе продолжи да работи на „обезбедување целосно обновување на уставниот поредок и демократско владеење во Нигер“.
И Советот за безбедност на Обединетите Нации повика на итно и безусловно ослободување на Базум и ги осуди напорите за неуставна промена на легитимната влада на Нигер.