Десетмина млади волонтери од општинската организација на Црвен крст – Крива Паланка учествуваа на меѓународен летен младински камп во Дивљана, Република Србија.
– На тридневниот камп што се одржа во одмаралиштето на Црвен крст Ниш, „Гај”, од 25 до 27 јули, во месноста Дивљана, присуствуваа членови на подмладокот на трите општински организации од: Црвен крст Ниш, Република Србија, Црвен крст Крива Паланка и Црвен крст Ќустендил, Република Бугарија. Волонтерите учеа преку практични ситуации на укажување прва помош и спасување на вода демонстрирани од стручни медицински лица, а истовремено учеа едни од други преку дисеминација и демонстрација на вештините од оваа област што ги поседуваат. Како претставници од раководството, пак, на организациите од трите соседни држави: Бугарија, Србија и Северна Македонија, дискутиравме и за тековните програми на општинските организации, во контекст на подигнување на капацитетите на волонтерите на Црвен крст, преку размена на знаења и искуства, информира секретарот на ОО Црвен крст Крива Паланка, Дарко Пешовски.
Црвен крст – Крива Паланка летово реализира бројни активности, укажува помош и работи на заштита на населението од топлотниот бран, интензивно работи на проектот за опремување Дневен центар за престој на стари лица, а редовно реализира и крводарителски акции.
Следната акција за крводарување е закажана за понеделник, 31 јули 2023 година, во просториите на општинската организација, во периодот од 10 до 14 часот.