Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски во струшката болница го посетија струшкиот началник на полицијата врз кого вчера беше извршен брутален обид за убиство, а кој во моментов се наоѓа во стабилна здравствена состојба.
Посакувајќи му што поскоро опоравување на повредениот началник, Спасовски го повтори својот став дека напад на припадник на македонската полиција е напад на државата, поради што мора да има најстроги санкции за тој кој ќе се осмели да изврши таков чин на насилство.
„Насилството е последното прибежиште на криминалците, последниот обид да ги заплашат оние кои се задолжени за спроведување на законот. Затоа казната од правосудните органи треба да е брза, навремена, строга и без отстапки. А последниот удар на полицијата до конечна пресметка со криминалот – најсилен“, порача Спасовски по посетата.
Вчера на улицата Ристо Крле во Струга осомничениот С.Н. со своето возило му го попречил патот на началникот Д.А., кој бил во неговото возило и прво вербално го нападнал, а потоа му нанел повреди со остар предмет, по што се дал во бегство. Началникот бил пренесен во болницата во Струга, каде му е укажана лекарска помош.
Осомничениот е приведен и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.