Четириесет илјади вработени од сто државни институции веќе се во своите канцеларии во новата административна престолнина на Египет, објави претседателскиот портпарол Ахмед Фахми.
Веста доаѓа откако премиерот Мостафа Мадбули на почетокот на јуни објави дека сите министерства ќе се преселат до крајот на месецот.
Изградбата на новиот град, 60 километри источно од центарот на Каиро, започна во 2015 година. Околу 6,5 милиони луѓе се очекува да живеат на вкупна површина од 700 квадратни километри.
Владиниот дел се состои од десет министерски комплекси. Тие се наменети за 34-те египетски министерства, Советот на министри, Претставничкиот дом и Сенатот на Парламентот.
Целта на проектот е да се олесни сообраќајот во Каиро, дом на 22 милиони луѓе. Во најголем дел со неа раководи египетската армија, која има мнозински удел во компанијата „Административен капитал за урбан развој“.