Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 100. годишнината од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, што се одржа во селото Никифорово.
Во рамки на одбележувањето на годишнината, претседателот Пендаровски положи цвеќе пред бистата и спомен чешмата посветена на нашиот народен херој и го посети спомен домот на Чеде Филиповски – Даме. Воедно, Претседателот го проследи адаптираниот документарен филм „Народен херој Чеде” и присуствуваше на отворањето на изложбата „За Чеде и за Никифорово” на која беа поставени 100 уметнички дела на авторот Ацо Филиповски.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.
Почитувани присутни,
Драги Никифорци,
Знаете дека името на вашево место во превод значи – победоносно. Вистинска реткост е името на едно населено место толку доследно да ги изразува моралните вредности на неговите жители и да биде верен приказ на неговата историја. Нема посимболично место од ова кое дало толку многу борци за слобода. Денеска сме собрани тука, во победоносно Никифорово за да се потсетиме на најпознатиот и најголемиот меѓу нив – нашиот народен херој Чеде Филиповски-Даме.
Освен локалниот историски музеј, нему му се посветени многу книги и монографии. Речиси нема позначајно дело за НОБ каде што не се среќава неговото име. Сево ова просто не тера да си го поставиме прашањето: Како овој млад човек, кој живеел само 21 година, станал инспирација на цели генерации?
Преку сведоштвата за краткиот, но, бурен живот на Чеде Филиповски-Даме, пред нас широко се отвораат страниците на славната македонска народноослободителна и антифашистичка борба затоа што неговото име ги поврзува најзначајните моменти и личности на НОБ.
Пред војната, како дел од младината со прогресивни демократски идеи, Чеде се спротивставувал на обидите за асимилација и се залагал за слобода и социјална правда.
Чеде Филиповски во 1941-та година, заедно со идеологот и организаторот на НОБ, Кузман Јосифовски-Питу, учествувал во подготовките за вооруженото востание тука, во мавровскиот крај. Наредните две години, како заменик-командант се вклучил во два партизански одреда, во Мавровско-гостиварскиот и во Мавровско-кичевскиот, и ја предводел елитната диверзантска група која им има нанесено сериозни штети на окупаторските власти.
Тој бил присутен и во базата на Главниот штаб на Народноослободителната војска во Лопушник, каде што покрај другите биле и Михајло Апостолски, Страхил Гигов, Цветко Узуновски, Владо Малески, Видое Смилевски и многу други.
Во 1944-та, Чеде Филиповски како заменик-командант на Првата македонско-косовска бригада, со пушка и со песна ги предводи своите соборци низ најопасните моменти на Февруарскиот поход. Воените историчари и стратези се согласни дека од исходот на Февруарскиот поход зависел натамошниот тек на нашата борба. Во најкритичните моменти, кога многу други армии би го положиле оружјето поради суровата зима и постојаните непријателски напади, токму Чеде Филиповски успевал да го подигне моралот на своите соборци за да им помогне да издржат. Кога во еден момент биле опкружени, токму Чеде со храбра диверзија ѝ овозможил на бригадата да го пробие непријателскиот обрач.
Првата македонско-косовска бригада не само што успешно го завршила походот, туку одиграла и клучна улога во разбивањето на пролетната офанзива на фашистичкиот окупатор. Со овој подвиг, бригадата помогнала во создавањето на слободните територии и практично го отворила патот за одржување на АСНОМ.
Името на Чеде Филиповски го среќаваме и меѓу делегатите на државотворниот АСНОМ, а подоцна и АВНОЈ, но, малкумина знаат дека не бил физички присутен во манастирот Св. Прохор Пчински, бидејќи тие денови се борел за ослободувањето на делови од западна Македонија – Дебар, Охрид, Струга, Кичево и Тетово. А, веднаш по војната, заедно со Ацо Шопов, претседавал со Народноослободителниот младински сојуз на Македонија.
Почитувани присутни,
Не е претерување ако кажеме дека преку животот на Чеде Филиповски можеме да реконструираме голем дел од НОБ. Го среќаваме насекаде и колку и да се трудиме, нема да го најдеме во задните редови како дава инструкции од безбедна дистанца. Неговите соборци сведочат дека тој во секој напад бил меѓу првите, а при повлекувањето меѓу последните. Секогаш присутен таму каде што е најтешко поради што ја стекнал довербата на неговите соборци кои безрезервно му верувале.
Не случајно еден од неговите другари и соборци, Крсте Црвенковски се прашувал како можело тоа младо момче без воено образование толку стратешки и тактички да ги проценува ситуациите и ниту еднаш да не претрпи загуба и да не падне во заседа.
Освен за вештините, сево ова зборува и за интегритетот, чесноста и хуманоста на Чеде Филиповски. Притоа, пофалните зборови за неговата личност не доаѓаат само од Македонци, туку и од Албанци, Турци, Власи, Срби, Евреи, практично, од сите негови соборци, независно од нивната етничка припадност.
За Чеде Филиповски, борбата за слобода и правда била надетничка. Затоа, заедно со албанскиот антифашист Том Ѓелај-Шумски, Чеде раководел со Мавровско-гостиварскиот одред. Во име на македонските партизани, Чеде склучил спогодба со Мехмет Шеху за ослободување на Дебар со здружени сили. Конечно, во прилог на ова зборува и неговиот брак со битолската Еврејка, Жамила Коломонос-Цвета.
Дури и нашиот народен поет Кочо Рацин бил восхитен од Чеде Филиповски, во кого препознал вистински македонски партизан и патриот кој се бори за остварување на илинденските идеали.
Драги пријатели,
Пред неколку децении, по повод сличен на денешниов, еден автор напишал новинарски текст посветен на Чеде Филиповски-Даме што го насловил „Херој над хероите”. Уредништвото на весникот реагирало и побарало тие силни зборови да бидат ублажени. Прашан за неговото мислење околу тој наслов, Крсте Црвенковски рекол: „ако некој наш соборец воопшто го заслужува епитетот ‚херој над хероите’, тогаш тоа е секако Чеде Филиповски-Даме”.
Ние не смееме да ги забораваме великаните на НОБ, туку секогаш одново да се инспирираме од нивната борба и жртва за нашата слобода. Чувајќи го споменот на нив, се потсетуваме и на вредностите неопходни за да се изгради едно слободно и праведно општество. Слободата се стекнува еднаш, но, мора да се чува и штити постојано.
Само така ќе имаме образ да кажеме дека сме достојни наследници на овие јунаци, и да покажeме дека нивната жртва не била залудна.
Слава му на нашиот народен херој Чеде Филиповски-Даме!
Слава им на сите борци кои се бореа за слободна македонска држава!