Збирката „Дни, години“ на македонскиот поет Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија.
Добитникот беше соопштен на денешната прес-конференција во Струга од страна на жири комисијата. Во образложението, тие оценија дека наградената стихозбирка, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија.
– Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство, стои во образоложението.
Во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“, покрај книгата „Дни, години“ на Башевски беа и „Две мориња“ на Јосип Коцев, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска, „Филмски песни“ на Дејан Трајкоски и „На врв на јазикoт“ на Катица Ќулавкова.
Наградата „Браќа Миладиновци на Башевски ќе му биде врачена традиционално на манифестацијата „Мостови“ на фестивалот Струшки вечери на поезијата.