Денес е пуштена водата низ цевководот Макарија преку кој се обзбедува вода за земјоделците од Росоманско и Градско. Направено е комплетно оспособување на цевководот, извршени се сите градежни работи кои беа неопходни за непречено користење и истиот повторно е ставен во функција. Санација на цевките е завршена пред планираниот рок, за само месец и половина, за што се обезбедија над 1,3 милиони евра и системот за наводнување кој беше оставен на забот на времето веќе 50 години, сега е целосно функционален.
-По настанатото оштетување на цевководот Макарија, сите служби беа ставени на највисоко ниво на подготвеност за изнаоѓање на решение за спас на сезоната за наводнување. Преку координација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Северна Македонија веднаш се пристапи кон изнаоѓање на техничко решение за надминување на проблемот. Беше ангажирани и професори од Градежниот факултет Скопје и беа направени соодветните измени на програмите за обезбедување на финансиски средства. Во ургентен рок, согласно законските процедури беше избран изведувач и започнаа активностите на санирање, соопштуваат од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.
За земјоделците кои претрпеа штети е предвидено обештетување. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со општините Росоман и Градско, веќе ја започна постапката за обештетување на земјоделските производители на праски од овој регион кои немаа вода. Веќе се активни повиците за пријавување во општините, а потоа врз основа на доставените податоци од општините, министерството до Владата ќе достави извештај преку кој точно ќе се знаат обештетувањата.
Од ресорното Министерство информираат дека оваа година со новиот модел за субвенционирање, 10.604 земјоделците од Росоман и Градско добија субвенциите во вредност од 290 милиони денари. Следува и авансната исплата на 30% од субвенциите за 2023 година, нешто што за прв пат се случува во земјоделството, токму преку новиот модел за субвенционирање кој започна од оваа година.