Бугарската контроверзна фондација „Македонија“ денеска испратила понуда за купување на најголемата македонска спортска гордост фудбалскиот клуб Вардар, кој по двегодишна пауза во новата сезона повторно ќе настапува во елитното македонско натпреаврување. Понудата без размислување веднаш е одбиена информираа вечерва од навивачката група „Комити“. Бугарите понудиле да купат 51-отсто од акциите, искажувајќи подготвеност да вложат 300.000 евра за да се почне сезоната во Првата лига, а дополнително да вложат 500.000 евра по потпишување на договорот. Одговорот е дека ФК Вардар не е на продажба!
-Ситуацијата е крајно алармантна. До клубот пристигна финансиска понуда од страна на Бугарската Фондација “Македонија”, која што сака да го купи нашиот Вардар, а со тоа и да го смени целиот идеолошки наратив, врз кој 76 години, континуирано се развивал клубот.
Нашиот став е дека воопшто не постои простор за дискусија со луѓе кои што не го признаваат македонскиот идентитет, па затоа одговорот ќе го објавиме вака јавно, нека биде тоа одговор на македонскиот народ, кон нечесната и крајно тенденциозна понуда: ВАРДАР НЕ Е НА ПРОДАЖБА!
На ваквите напади ќе продолжиме да одолеваме, само доколку секој од нас ја разбере важноста на купување на членската карта. Секој!
Членската карта е наш одговор и најважно оружје при одбраната на ВАРДАР – народниот клуб, највредното кое го поседува Македонија на спортски план и симболот на нашиот вечен непокор!
Голем е, затоа сакаат да го уништат – голем е, затоа ќе го заштитиме!
Воедно, ги повикуваме сите надлежни институции, особено оние кои подадоа рака. Време е за акција, народот повикува на борба за клубот. Членската карта е обврска за сите. Подадената рака значи одговорност!